Д-р Лидија ШОПТРАЈАНОВА, редовен професор (во пензија), е родена на 23 ноември 1941 г. во Битола. Основното и средното образование ги завршила во Скопје (во 1955, односно 1960 г.). Во 1965 г. дипломирала на Технолошко-металуршкиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Магистрирала (во 1975 г.) на Катедрата за инструментална аналитичка хемија при Природно-математичкиот факултет на Универзитетот во Белград, Србија, одбранувајќи ја тезата „Reakcija paladijum(II)-acetata sa nekim metal(I) acetatima u glacijalnoj sirćetnoj kiselini", а докторирала (во 1981 година) на Хемискиот факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Насловот на нејзината докторска дисертација е „Изучување на некои катјонски и анјонски комплекси на паладиум”. За асистент на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје е избрана во 1967 г. (претходно, од 1965 до 1967 г., работела како шеф на погонот за синтетички лепила во Хемискиата индустрија „Пролетер” во Скопје). Во истото звање е реизбрана на Хемискиот факултет во Скопје. За доцент (на Хемискиот факултет во Скопје) е избрана во 1982 г., за вонреден професор (на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје) е избрана во 1987 г., а за редовен професор е избрана во 1993 г.. За редовен професор е реизбрана во 2000 година. Била пензионирана во 2005 г. Одржувала вежби по предметите: аналитичка хемија за технолози, металурзи на додипломските студии на Технолошко-металуршкиот факултет, инструментална анализа на постдипломските студии на ТМФ, аналитичка хемија за фармацевти на Хемискиот факултет и аналитичка хемија на биохемиско-физиолошката насока на Институтот за биологија при ПМФ. На додипломски студии држела настава по предметите одбрани поглавја од инструментална анализа I и II, статистичка обработка на експериментални податоци, извори и користење на хемиски информации, инструментална анализа за хемичари, аналитичка хемија и инструментална хемија за биолошко-физиолошката насока на Институтот за биологија. На постдипломските студии по хемија држела настава по предметите: статистичка обработка на експериментални резултати, компјутери во хемијата, инструментална анализа и спектроскопски и радиохемиски аналитички методи, а сега држи настава по предметот обработка и интерпретација на експериментални податоци во хемијата. Главни подрачја на нејзиниот научен интерес се изучувањето на комплексни соединенија на паладиум и рамнотежите во безводна средина, а од другите подрачја на нејзиниот научен интерес може да се спомнат структурната хемија, поларографијата и анализата на прехранбени производи. Досега објавила 43 трудови, од тоа во списанија издавани надвор од Македонија 16 труда (6 во списанија без импакт фактор и 10 во списанија со импакт фактор), а во списанија во Македонија 18 труда. Во зборници на трудови надвор од Македонија има 4 трудови, а во зборници на трудови во Македонија 5 трудови. Трудовите во кои таа е еден од авторите во Science Citation Index се цитирани 23 пати. Била рецензент на два труда во странски списанија и на повеќе трудови во домашни списанија. На научни манифестации презентирала 90 соопштенија - 54 на собири надвор од Македонија и 36 на манифестации во Македонија (од овие, 2 секциски предавања). Била главен уредник на научното списание Билтен на Технолошко-металуршкиот факултет во периодот од 1975 до 1976 г., и член на Уредувачкиот одбор на списанието Гласник на хемичарите и технолозите на Македонија (од 1987 до 1993 г.). Била член на Научен/Организационен одбор на 6 научни конференции. Учествувала во обработката на 15 домашни проекти од кои на 1 била раководител. Била коментор на 5 кандидати за докторска дисертација, ментор на 2 кандидата за магистратура и коментор на уште тројца вакви кандидати, ментор на два кандидата за титула специјалист и на 26 кандидати за изработка на дипломска работа. На Природно-математичкиот факултет во Белград престојувала во учебната 1973/74 г.. Била претседател и член на Комисијата за аналитичка хемија при Унијата на хемиските друштва на Југославија, претставник на Македонија во Комисијата за аналитичка хемија при FECS, претседател на Советот на Хемискиот факултет, претседател на Извршниот одбор на ПМФ, продекан за настава и наука на ПМФ, претседател на Комисијата за постдипломските студии и нострификација на дипломи на ПМФ, раководител на постдипломските студии на Институтот за хемија, раководител на Заводот за аналитичка хемија при Институтот за хемија на ПМФ; член на Комисијата за настава при Ректоратот на Универзитетот “Кирил и Методиј” , а вршела и други одговорни должности. Владее со англискиот и српскиот јазик, а се служи и со руски, бугарски и француски. За својата работа била наградена (во 1989 г.) со Орден на трудот со златен венец. Добитник е на плакета и повелба на Универзитот “Св. Кирил и Методиј”, Благодарница од Природно-математичкиот факултет и Благодарница од Сојузот на студенти на ПМФ по повод педесетгодишнината од постоењето на Природно-математичкиот факултет.
Објавила еден универзитетски учебник (Извори и користење на хемиски информации) и едно учебно помагало (Семимикро квалитативна анализа). Коавтор е на два средношколски учебника (обата печатени во повеќе изданија).
Од нејзините трудови за позначајни може да се сметаат: В. Вајганд, Л. Шоптрајанова, Електрофоретско испитување на некои паладиум(II) ацетатни комплекси, Год. Зборник Хем. Фак. Унив. Скопје, 27, 17‡26 (1977); L. Šoptrajanova, B. Šoptrajanov, G. Jovanovski, Infrared spectra of cis-[Pd(NH3)2(CN)2], J. Mol. Struct., 142, 63‡66 (1986); I. Spirevska, L. Šoptrajanova, K. Jankovska, B. Andonovski, UV study of the formation of superacids in a sulfuric acid medium, J. Mol. Struct., 293, 93‡96 (1993); L. Šoptrajanova, I. Spirevska, S. Petrovska-Jovanović, K. Stojanova, The determination of traces of metals in wines from Macedonia, Fresenius J. Anal. Chem., 362, 425‡427 (1998); I. Spirevska, L. Šoptrajanova, R. Gulabovski, Square-wave voltammetric method for determination of aconitic acid, Anal. Lett., 33, 919‡926 (2000).