Д-р Фроска АНАСТАСОВА, вонреден професор, е родена на 28 февруари 1948 г. во Скопје. Средно образование завршила во гимназијата „Јосип Броз Тито” во Скопје. Во учебната 1966/67 г. се запишала на студии по применета хемија на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Дипломирала во 1972 г. на Заводот за органска хемија, под менторство на проф. д-р Мирослава Јанчевска-Николовска. Во 1973 г. се запишала на постдипломски студии на Хемискиот институтот при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Магистрирала во 1988 г. со одбрана на магистерскиот труд „Синтеза и реакции на супституирани хинолини” (ментор била проф. д-р Мирослава Јанчевска). Во 1997 г. на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје ја одбранила докторската дисертација под наслов „Синтеза на некои хетероциклични азометини со потенцијална биолошка активност”. По дипломирањето, во 1975 г., стапила на работа на Хемискиот институт на Природно-математичкиот факултет во Скопје, во својство на помлад асистент. За асистент е избрана во 1988 г. Во звањето доцент е избрана во 1998 г. а во звањето вонреден професор во 2003 г. Како помлад асистент и асистент држела лабораториски вежби по медицинска хемија за студентите на Медицинскиот и Стоматолошкиот факултет, општа хемија за студентите на Шумарскиот факултет и студентите на групата биологија и групата физика на ПМФ, хемија за студентите на интердисциплинарните студии за заштита при работа и за студентите на интердисциплинарните студии по инженерство на животната средина, органска хемија за студентите на групата хемија на ПМФ. Подоцна како доцент и вонреден професор држела вежби хемија за студентите на ИСИЖС, Органска хемија за студентите на групата биологија на ПМФ, хемија на природни производи и синтеза и анализа за студентите по хемија. Како доцент ја изведувала наставата-предавања по хемија за студентите на ИСИЖС и органска хемија за студентите на групата биологија на ПМФ. Како вонреден професор ја држи наставата: основи на органска хемија за студентите на групата биологија-наставна и еколошка насока, органска хемија за студентите на групата биологија-биохемиско-физиолошка насока, потоа хемија на природни производи на група хемија-препаративна насока, хемија на природни производи и, хемија на природни производи и експериментална биохемија на групата хемија - насока аналитичка биохемија. Научната работа со која се занимава е од областа на органската хемија. Учествувала во изработката на 5 научноистражувачки проекти. Во изминатиот период била рецензент на три труда во домашни списанија. На научни манифестации презентирала (усно или постерски) 27 трудови и тоа надвор од Македонија 9 и во Македонија 18 трудови. Според Science Citation Index, објавените резултати од научната работа на професор Анастасова се цитирани 10 пати. Два пати била член на Организациониот одбор на научни конференции. Учествувала во изработката на 5 домашни научно-истражувачки проекти, од кои на еден е раководител. Ментор е на еден кандидат за докторска дисертација и на повеќе кандидати за дипломска работа. Во текот на 1988/89, 1989/90 како и неколку пати подоцна престојувала на Хемискиот факултет во Белград и на Институтот за органска инструментална анализа во состав на Институтот за хемија, технологија и металургија на Србија. Била раководител на Заводот за неорганска и општа хемија, а сега е раководител на Заводот за органска хемија и биохемија. Повеќе години е член на оценувачките комисии по органска хемија, во рамките на движењето “Науката на младите”. Познавање на странски јазици: француски, англиски, српски.
Досега има објавено 25 трудови од кои во списанија со импакт фактор надвор од Македонија 8 и во списанија во Македонија 6. Во Зборници на трудови надвор од Македонија има објавено 2 труда, а во Зборници на трудови во Македонија 9. Позначајни трудови се: L. Jovevska, F. Anastasova, V. Aleksić, The synthesis of some N-Ш4-substituted phenylЌ-3-acetoxythiobenzamides and their N1 And N3-disubstituted amidrazones, Synth. Commun., 26, 279-286 (1996); Z. Juranić, F. Anastasova, I. Juranić, T. Stanojković, S. Radulović, N. Vuletić, Antiproliferative action of isatine-β-thiocarbohydrazone and N-ethylisatine-β-thiocarbohydrazone on human PBMC and on two neoplastic cell lines J. Exp. Clin. Cancer Res., 18, 317-324 (1999); P. Naumov, F. Anastasova, Experimental and theoretical vibrational study of isatin, its 5-(NO2, F, Cl, Br, I and CH3) analogues and the isatinato anion, Spectrochimica Acta Part A., 57, 469-481 (2001); N. Ristovska, M. Stefova, F. Anastasova, RP-HPLC method for simultaneous determination of thiobenzanilide and its oxidation products: monitoring of the oxidation of thiobenzanilide with the Jones’ reagent”, J. Liq. Chromatogr. Rel. Technol., 28, 2391-2401 (2005); P. Naumov, N. Ristovska, F. Anastasova, S. W. Ng, N-(N-phenylbenzimidoyl) thiobenzanilide, Acta Crystallogr: Struc. Rep., E61, o3036-3037 (2005).