Д-р Богдан БОГДАНОВ, редовен професор, е роден на 9 мај 1949 г. во с. Крушевље (во околина на Сомбор, НР Србија). Средно образование завршил во Битола во Гимназијата „Браќа Миладиновци”. Во учебната 1968/69 се запишал на студии по применета хемија на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Дипломирал во 1973 г. Во учебната 1973/74 г. се запишал на постдипломски студии по органска хемија на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Пропишаните испити ги положил со одличен успех и во 1981 г., под менторство на проф. д-р Бојан Подолешов, ја одбранил својата магистерска работа под наслов "Оксидација на тиоамиди со фенилјодозодиацетат”. Докторирал на Хемискиот факултет во Скопје во 1985 г., бранејќи го трудот „Полуемпириски квантномеханички пресметувања на некои тиоамиди и амиди”. Во 1973 г. бил примен како стажант на Заводот за органска хемија и биохемија. Во 1975 г. бил избран за помлад асистент на Хемискиот институт при Природно-математичкиот факултет во Скопје. По магистрирањето (1982 г.), бил избран за асистент на Хемискиот факултет во Скопје. Во 1987 г. на Природно-математичкиот факултет во Скопје е избран за доцент по предметот органска хемија (за фармацевти), а во 1991 е избран за вонреден професор, во 1996 во звањето редовен професор - звање во кое се наоѓа и денес. Изведувал настава по повеќе предмети: органска хемија (за двопредметната настава биологија-хемија), теоретска органска хемија (за хемичари) и органска хемија (за фармацевти). Учествува и во изведување на настава на постдипломските студии на Институтот за хемија, по предметите компјутери во хемијата и одбрани поглавја од теоретската органска хемија. Научноистражувачката работа му е од областа синтеза на органски соединенија и теоретската органска хемија (семиемпириски и квантномеханички пресметувања на органски соединенија). Досега објавил вкупно 50 труда од кои 16 во списанија надвор од Република Македонија (13 во списанија со impact factor), 28 во списанија кои излегуваат во Македонија и 6 во зборници на трудови од научни собири. Неговите трудови се цитирани 86 пати во SCI. Бил раководител или соработник во неколку научноистражувачки проекти. Во два мандата (1991-1993 и 1993-1995 г.) бил шеф на Институтот за хемија.