Д-р Марија ГЕОРГИЕВА, редовен професор (во пензија), е родена на 25 мај 1945 г. во Охрид. Завршила гимназија („Климент Охридски”) во родното место и во 1963/64 г. се запишала на студии на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје. На постдипломски студии се запишала на Природно-математичкиот факултет во Скопје, насока за неорганска и аналитичка хемија. Магистрирала во 1982 г. на Хемискиот факултет во Скопје (под менторство на загрепскиот професор Иван Пилјац) бранејќи го трудот „Определување траги од тешки метали во биолошки материјали со методот анодна стриппинг волтаметрија”. Еден период престојувала во Љубљана, кадешто ја работела својата докторска теза. Таму и докторирала (на Fakulteta za naravoslovje in tehnologijo) во 1988 г., под менторство на професор Борис Пихлар. Насловот на докторската теза е „Raziskava redukcije in razvoj metode za določevanje paladija z adsorpcijsko voltametrijo”. Од 1970 до 1975 г. била стручен соработник на Хемискиот институт при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Во 1975 г. е избрана за асистент. На Хемискиот факултет во Скопје и подоцна повторно на Природно-математичкиот факултет била уште неколку пати преизбирана за асистент. Како асистент била агажирана во изведувањето на вежбите по предметите аналитичка хемија за студентите на студиите за хемија и биологија, како и за студентите од Фармацевтскиот факултет. Во 1992 г. е избрана за доцент на Институтот за хемија. При овој избор на д-р Георгиева и е доверена наставата по предметот основи на хемиската технологија (за наставната насока на групата хемија). Во 1997 г. е избрана во звањето вонреден професор а во 2002 за редовен професор. Научноистражувачката работа и е од областа на електроаналитичките методи. Била на студиски престои на Одделот за неорганска хемија при Технолошкиот факултет во Загреб и на Факултетот за природни науки и технологија, Љубљана. Нејзина специјалност во научноистражувачката работа е анодната stripping волтаметрија. До сега објавила вкупно 25 труда од кои 11 во списанија надвор од Република Македонија (6 во списанија со impact factor), 4 во списанија кои излегуваат во Македонија и 10 во зборници на трудови од научни собири. Нејзините трудови се цитирани 34 пати во SCI. Презентирала повеќе соопштенија на интернационални и национални научни собири. Била раководител на еден научноистражувачки проект.
Позначајни објавени трудови се: M. Georgieva, B. Pihlar, Study of the reduction of palladium(II) on a mercury electrode, Electroanalysis, 8, 1155-1159 (1996); M. Georgieva, B. Pihlar, Determination of palladium by adsorptive stripping voltammetry, Fresenius J. Anal. Chem., 357, 874-880 (1997); M. Georgieva, Electrochemical behaviour of Pt(IV) on mercury electrode in the presence of dimethylglyoxime, Port. Electrochim. Acta, 20, 179-189 (2002); M. Georgieva, B. Andonovski, Determination of Pt(IV) by UV spectrophotometry, Anal. Bioanal. Chem., 375, 836-839 (2003); M. Georgieva, B. Andonovski. Study of the reaction of Pt(IV) with dimethylglyoxime by UV Spectrophotometry, Collect. Czech. Chem. Commun., 68, 1065-1075 (2003).