Д-р Благоја ЈОРДАНОСКИ, редовен професор (во пензија), е роден на 21 февруари 1947 г. во Прилеп. Со средно образование се здобил во родното место. Во учебната 1965/66 г. се запишал на студии по хемија на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Дипломирал на Заводот за неорганска хемија (под менторство на проф. д-р Благоја Топузовски) во 1971 г. Постдипломски студии завршил на насоката за неорганска и аналитичка хемија при Хемискиот факултет во Скопје. Магистерскиот труд, работен под менторство на проф. д-р Благоја Топузовски, "Поларографско испитување на комплексите на кадмиумот со азелаинската киселина” го одбранил во 1980 г. Докторирал во 1988 г. на Природно-математичкиот факултет во Скопје, бранејќи ја дисертацијата "Електрохемиско и спектроелектрохемиско испитување на дихидрокси антрахинони - продуктите на електрохемиската редукција и нивните комплексни соединенија во неводна средина”. Ментор на докторската теза бил познатиот професор од Загреб, Иван Пилјац. Веднаш по дипломирањето е задржан како стручен соработник на Хемискиот институт при Природно-математичкиот факултет во Скопје. По магистрирањето, во 1981 г. е избран за асистент. Во ова звање е преизбиран до 1989 г., кога е избран за доцент на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Во 1994 г. е избран за вонреден професор, во 1999 г. за редовен професор а преизбран во ова звање во 2004 г. Д-р Јорданоски на Институтот за хемија е ангажиран со изведување настава по предметот одбрани поглавја од неорганска хемија, на Стоматолошкиот факултет изведувал настава по медицинска хемија, а на Шумарскиот факултет – настава по предмететот хемија. Исто така три години држел настава по предметот хемија на Ветеринарниот факултет и три година по предметот хемија на Рударско-геолошкиот факултет во Штип. На постдипломските студии на Институтот за хемија бил вклучен во наставата по предметите: координациона хемија, електрохемиски методи во биохемиската анализа и одбрани поглавја од неорганска хемија. Изведувал вежби по предметите: аналитичка хемија за студентите од Институтот за хемија, медицинска хемија за студентите од Медицинскиот и Стоматолошкиот факултет и други. Во периодот од октомври 1989 г. до јуни 1990 г. учествувал на Интернационалниот курс за модерни електроаналитички методи во Прага, во организација на УНЕСКО. Научноистражувачката активност на д-р Благоја Јорданоски е разновидна и се однесува на проучување на рамнотежните процеси кај комплексните соединенија со примена на поларографскиот метод, потоа проучување на електрохемиското однесување на различни супстанци со примена на современи волтаметриски методи, како и разработка на волтаметриски методи за квантитативно определување на фармацевтски препарати. Дел од неговата научна активност се однесувала на определување на содржината на микроелементи во води за пиење, потоа содржината на некои компоненти во природни производи и сл.. Исто така, д-р Благоја Јорданоски учествувал во изработката на неколку проекти кои се поврзани со индустриското производство и зачувување на животната средина. Од 1994 до 1996 г.биле раководител на Заводот за неорганска хемија, а во периодот од 2001 до 2005 год. продекан за настава на Природно-математичкиот факултет. Во пензија е од 2012 година.
Професор Јорданоски. има објавено 28 печатени трудви, презентирал 41 труд на научни собири, учествувал во 9 научноистражувачки проекти. Има издадено еден ученбик по хемија и еден прирачни за вежби по хемија. Spored Science Citation Index, објавените резултати од научната работа на професор Јорданоски се цитирани 40 пати.