Д-р Илинка СПИРЕВСКА, редовен професор (во прензија), е родена на 15 јули 1940 г. во с. Велмевси, Кичево. Основното образование го започнала во родното место, го продолжила во Охрид, а го завршила во Дебар во 1956 г. Средното образование го завршила во Скопје во Гимназијата „Јосип Броз Тито” во 1960 г. Во учебната 1960/61 г. се запишала на Техничкиот факултет, технолошки оддел во Скопје. Дипломирала во јуни 1965 г. Насловот на дипломската работа, које е израбитена под менторство на проф. д-р Александар Гризо, е „Пресување на фенолформалдехидни смоли”. Во текот на првата година од студиите била наградена како најдобар студент на генерацијата. Постдипломските студии ги завршила во јуни 1976 г. на Катедрата за инструментална анализа на Природно-математичкиот факултет, на Универзитетот во Белград. Насловот на магистерската работа е „Ispitivanje uslova odredjivanja paladijuma(II) u acetatnom puferu” и е изработена под менторство на проф. д-р Вилим Вајганд. Докторската дисертација со наслов „Polarografsko ponašanje nezasićenih dikarbonskih kiselina”, под менторство на проф. д-р Владимир Рекалиќ, ја одбранила во 1982 г. на Технолошко-металуршкиот факултет, на Универзитетот во Београд. По дипломирањето во 1965 г. се вработила во фабриката „Раде Кончар” - погон Скопје, како технолог за преработка на пластични маси. За асистент е избрана во 1967 г. на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, на Заводот за аналитичка и неорганска хемија. Со реформските зафати на Универзитетот во 1977 г. преминла како асистент на Хемискиот факултет, а во 1984 г. е избрана за доцент. Во звањето вонреден професор по група предмети од областа на аналитичка хемија на Институтот за хемија на ПМФ, Скопје е избрана во 1989 г., а во звањето редовен професор во 1994 г. Преизбрана во истото звање е во 2000 г. Пензионирана е во октомври 2005 г. Како асистент изведувала лабораториски и нумерички вежби по предметите аналитичка хемија за студентите од ТМФ и за студентите од Фармацевтскиот факултет. Учествувала во воведувањето на семимикро квалитативна анализа за чии потреби е издаден и практикум, на кој е коавтор. Како наставник изведувала настава по предметите на додипломски студии на групата хемија (електронски мерни инструменти, анализа на технички материјали I, анализа на технички материјали II, хемиска контрола на технички материјали, аналитика на животна средина и хемија и околина) и на двопредметните студии по биологија-хемија (хемија и околина). Со оглед на тоа што повеќето од наставните дисциплини се воведени за прв пат на студиите, ги оформила предавањата и вежбите. За предметите хемија и околина издала учебник и подготвила упатства за вежби, а за предметот хемиска контрола на технички материјали подготвила интерна скрипта. Од почетокот на изборот во доцент учествувала во изведување на настава на постдипломските студии на хемија по предметите: електронски мерни инструменти во хемијата, хемиски аспекти на екологијата (хемија на животната средина) и анализа на траги. За предметот анализа на траги коавтор е на учебник. Научноистражувачката работа на проф. Илинка Спиревска е, главно, од областа на аналитичката хемија и хемијата на животната средина. Потесна област на нејзиниот научен интерес е разработка на инструментални аналитички методи (електроаналитички, спектроскопски, хроматографски) за определување на траги на елементи и органски соединенија во различни производи. Во текот на изминатиот период има објавено 62 труда од кои во странскии списанија 20, во зборници на трудови 12, во домашни списанија 23 и во зборници на трудови 7. Презентирала 112 соопштенија на научни манифестации одржани во земјата (44) и надвор од неа (68). Според Science Citation Index, објавените резултати од научната работа на професор Спиревска се цитирани 21 пат. Учествувала и во изработката на 17 научноистражувачки проекти, од кои на 3 била раководител. Под нејзино менторство се изработени и одбранети 8 семинарски работи и 17 дипломски работи. Била ментор и на 2 магистерски работи и една докторска дисертација. Била член во рецензентски комисии за оценка и одбрана на повеќе диполмски, специјалистички (2), магистерски работи (14) и докторски дисертации (11). Автор, односно коавтор е на 3 универзитетски учебници и учебни помагала, коавтор е и на 2 средношколски учебници, кои се издадени во по четири изданија и преведени на албански јазик. Проф. д-р Илинка Спиревска била рецензент на 8 трудови објавени во домашни спианија, како и на повеќе апликации и извештаи од научноистражувачки проекти. Била секретар на Друштвото на хемичарите и технолозите на Институтот за хемија и е член на Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија, како и на Македонското еколошко друштво. Учествувала во работата како член на организациониот или Научниот одбор на две меѓународни манифестации и една југословенска манифестација Била член на Организационен или Научен одбор на шест републички манифестации. Била член на Уредувачкиот одбор на издвачката куќа „Просветно Дело” од Скопје. Била член на повеќе комисии и тела во рамките на факултетот, а на една комисија била претседател, Била член на Универзитетската комисија за соработка со странство (2001/05). Била двапати раководител на Заводот за аналитичка хемија (1991-1993 и 2001-2002) и на двопредметните студии по биологија-хемија (2003-2004 г.). Проф. Илинка Спиревска престојувала 6 месеци на Природно-математичкиот факултете во Белград во текот на 1970 г. Го владее англискиот јазик, а се служи со стручна литература на руски и германски јазик.
Позначајните трудови на проф. Спиревска се: I. Spirevska, V. Rekalić, Polarographic behaviour of cis and trans dicarboxylic acids in phosphate buffer, Glasnik Hem. Društva Beograd, 49, 45-56 (1984); L. Šoptrajanova, I. Spirevska, S. Petrovska-Jovanović, K. Stojanova, Determination of trace of metals in wines from Macedonia, Fresenius J. Anal. Chem., 362, 425-247 (1998); I. Spirevska, L. Šoptrajanova, R. Gulabovski, Square-wave voltammetric method for determination of aconitic acid,Anal. Lett., 33, 919-926 (2000); K. Jankovska, L. Šoptrajanova, I. Spirevska, Protonation of meleic and fumaric acid in aqueous sulfuric acid solutions, J. Serb. Chem. Soc., 65, 695-708 (2000); R. Gulabovski, I. Spirevska, L. Šoptrajanova, R. Slavevska, Square-wave voltammetric method for determination of fumaric and maleic acid - determination of fumaric acid in wine, Anal. Lett., 34, 1719-1731 (2001).